ГЛАВНА СТРАНА


КУНДИНСКО ЕЗЕРО КАЈ ПРОБИШТИП

д-р Ивица Милевски, ПМФ-Скопје


 

Кундинско Езеро се наоѓа во западниот дел на Осоговските Планини, помеѓу Пробиштип и огранокот Плавица (1297 m). Околниот-непосреден простор на езерото главно се поклопува со сливното подрачје на Плавички Дол и ограничува површина од околу 8 km2. Во овој локалитет има повеќе интересни географски објекти, како што се големата палеовулканска купа и калдера на Плавица, повеќето секундарни вулкански купи (чуки), бројните ерозивни форми во вид на бедленд и особено Кундинско Езеро. Кундинско Езеро е мало природно езеро кое по прокопување на одводен канал во 70-тите години од минатиот век е речиси целосно уништено. Денес тоа има повремен карактер и повеќе наликува на тресетиште, со бујна вегетација од трска и шевар. Се наоѓа 1 km североисточно од селото Кундино, на дното на една преиздлабена палеовулканска елипсеста депресија, на надморска височина од 745 m. Всушност басенот на езерото настанал со селективна ерозија на неотпорните туфови, во однос на поотпорните андезити, кои ја сочинуваат рамката. Езерото има специфична положба и лачен изглед, со доминантен правец на протегање ИСИ-ЗЈЗ. При максимално ниво (за време на интензивни врнежи), должината на езерото достигнува 250 m, широчината 30-70 m, должината на бреговата линија 580 m, а површината 13.500 m2. Тогаш, најголемата длабочина му изнесува до 3 m. Езерото вода добива речиси исклучиво од атмосферски врнежи од неговото сливно подрачје (0.34 km2), а ја губи преку истекување од споменатиот канал, со испарување, понирање и др.   

 

 

Слика 1. Положба на Кундинското Езеро во однос на Пробиштип (од СЗ кон ЈИ)

Слика 1. Кундинско Езеро во лето, сликано од источна страна