ГЛАВНА СТРАНА


Локалитет Лесновска купа

д-р Ивица Милевски, ПМФ-Скопје


 

Локалитетот Лесновска купа се наоѓа во западниот дел на Осоговскиот масив, помеѓу Пробиштип и с. Злетово. Тоа е една од најдобро сочуваните палеовулкански купи во Кратовско-Злетовската област и воопшто во Република Македонија, зафаќајки површина од 12 km2 и пречник од 4 km. Купата има стрмни страни и над околниот релјеф се издига за 400 m. Таа морфолошки особено јасно е изразена од јужната и југозападната страна. Од источната страна, е пресечена со долината на Злетовска Река, а од западната со долината на Добревска Река. Врвот на Лесновската купа претставува впечатлива, добро сочувана калдера (еродиран кратер), со пречник од 1.5 km и длабочина во средишниот дел од 150-200 m. Околу центарот на калдерата, прстенесто се распоредени 7-8 купести возвишенија т.е. вулкански некови (чуки). Од нив најмаркантен е северниот нек Илин Крст (1127 m), кој веројатно бил главен вулкански центар, од каде избивало најголемо количество на лава и вулканокластичен материјал. На јужната и источната страна се јавуваат уште 3 изразити нека: Св. Троица (1012 m), Нушева Чука или Горно Брдо (1025 m) и Гумички Рид (1048 m).

Лесновската купа е остаток од олигоцената вулканска активност во овој дел на Кратовско-Злетовската палеовулканска област. При ерупциите било исфрлано големо количество дацитска лава и вулканокластичен материјал. Од тогаш до денес, поради долгиот временски период, оваа вулканска структура е доста еродирана и снижена. Денес дацитските карпи се изложени на ерозивни процеси, при што во релјефот се создадени бројни мали денудациони форми (остенци, чашки, стапалки и др.).

 

 

Слика 1. Западниот раб на Лесновскиот кратер, пресечен со Лесновски Поток