ГЛАВНА СТРАНА


КАРСТНА ОБЛАСТ БИСЛИМСКА КЛИСУРА-ЈУЖНО ОД ГРАДОТ КУМАНОВО

автор: д-р Ивица Милевски, доцент на ИГ-ПМФ-Скопје


 

 

Во периодот 1994-1999 година, во повеќе наврати, вршени се теренски истражувања на варовничкиот простор јужно од градот Куманово. Иако областа е релативно мала, овде се регистрирани интересни површински и подземни карстни форми. Бидејќи карстот, во вид на помала оаза се протега околу клисурата на реката Пчиња, позната под името ,,Бислимска Клисура,, целиот простор е наречен ,,Бислимска карстна оаза,,. Инаку областа е на растојание од 4 до 14 km јужно од Куманово и главно се протега меѓу магистралниот пат Куманово-Свети Николе и локалниот пат Куманово-с. Пчиња. Просторот е издолжен во правец  ССЗ-ЈЈИ, со должина од 10 km и зафаќа вкупна површина од 25 km2. Целта на истражувањето беше согледување на распространетоста, морфолошките карактеристики, генезата, еволуцијата и другите елементи на подземните карстни форми. За да се добијат егзактни сознанија, вршени се прецизни морфометриски мерења и геоморфолошка анализа на теренот. Иако мала по површина (25 km2), во карстната оаза Бислимска Клисура се среќаваат повеќе интересни подземни карстни форми. Од нив покарактеристични се 8 пештери и 3 пропасти. Пештерите се суви, мали по големина, со кратки и тесни канали, сиромашни со пештерски накит кој делумно е оштетен од ретките несовесни посетители. Пропастите се со мала длабочина и имаат стрмни и тесни канали. Најспецифичен и најголем објект е Маркова Куќа кој има карактеристики и на пропаст и на пештера. Анализата на подземните карстни објекти дава одредени сознанија за локалните специфичности на флувиокарстниот процес, а во одредена мерка и за влијанието на неотектонските движења врз неговата генеза и еволуција. Инаку самиот предел со својата севкупна природа е мошне атрактивен. Не само што има интересна релјефна физиономија (изглед на мала кањонска долина), туку се карактеризира и со богатство на растителен и животински свет. Поради релативната непристапност, сеуште се оддржуваат некои ретки, пред се, животински видови. Но со претворањето на реката Пчиња во колектор на отпадни води од градот Куманово и оваа природна оаза е изложена на интензивна деградација.

 

ПОДЗЕМНИ КАРСТНИ ФОРМИ-ПЕШТЕРИ И ПРОПАСТИ (ЈАМИ)

 

Во Бислимска Клисура, карстниот процес е доста развиен и се карактеризира со бројни површински и подземни форми. Од подземните карстни форми застапени се пештери и пропасти, кои речиси без исклучоци се јавуваат по стрмните страни на Бислимска Клисура. Досега, од моја страна делумно или целосно се испитани и проучени 8 пештери подолги од 10 m, со вкупна должина на каналите од околу 231 m и 4 пропасти подлабоки од 10 m со должина на каналите од 183 m и вкупна длабочина од -88 m. Вкупната должина на каналите од овие пештери и пропасти изнесува 414 m. Влезовите од речиси сите спелеолошки објекти се сместени по страните на клисурата. Веројатно нивниот број е поголем, но врз база на расположливите сознанија можни се одредени согледувања и аналогии за останатите спелеолошки објекти, при што не може да се очекува откривање на некој поголем објект. Во наредниот дел ќе бидат дадени само најзначајните карактеристики на пештерите и пропастите, а морфометриските податоци се претставени во посебна табела, надополнета со скици на поинтересните објекти.

  

ПЕШТЕРИ

 

Според досегашните проучувања, во карстната оаза Бислимска Клисура се регистрирани и испитани околу триесетина пештери. Меѓутоа најголем дел од нив се со мала должина, а само 8 пештери се подолги од 10 m, т.е. нивната просечна должина изнесува 28.8 m. Најдолгата испитана пештера (Студен Пештер) има вкупна должина од 72 m. Пештерите воглавно се претставени со еден едноставен канал, кој најчесто пред крајот завршува со пукнатина. Испитана е и една сложена пештера (Лишков Пештер) и еден карактеристичен пештерски систем (Студен Пештер). Од истражените пештери (со должина над 10 m) 4 се наоѓаат на левата (вкупна должина 123 m) и 4 на десната долинска страна (вкупна должина 108 m.) на реката Пчиња. Пештерите се кратки, со тесни канали кои доста го менуваат правецот (што е резултат на големата изнапуканост на варовничката маса со различни по правец пукнатини). Сепак прецизните мерења, укажуваат дека доминираат каналите со правец С-Ј, односно со азимут 0-30о и 150-180о, што главно се поклопува со правецот на поголемите пукнатини-параклази и дијаклази, долж кои се предиспонирани и најголемиот дел од каналите. Често, одделни канали се поврзани со помали, споредни врски било да се тие хоризонтални или скоро вертикални. Дел од инверсните канали завршуваат со мала кружна сала. Досега испитаните пештери, освен во извесна мерка Лишков Пештер и Д2, се без хидрографска функција. Споменатите пештери имаат повремена хидрографска функција (и тоа во нивниот најнизок дел) само по интензивни атмосферски врнежи. Пештерите се сиромашни со акумулативни форми. Во тој поглед најинтересен е Лишков Пештер кој се истакнува со својот пештерски накит, посебно сталактити, сталагмити, мали столбови, завеси и др. Но и тоа што го има, во голема мерка е уништено со посета на ретките несовесни посетители. Карактеристично е што во некои пештери (како што се Градишачки и Лишков Пештер) присутни се траги од некогашна човечка населеност. Според  постанокот, пештерите се типично карстни, во најголем дел изворски, така што кратките подземни текови најчесто директно се влевале во реката Пчиња или пак во кратките притоки што кон реката се спуштале од Краста и Кукуљатица (долж дната од каналите, забележани се мали жлебови, настанати во последните фази од нивното активно изградување). Забележани се неколку инверзни канали, веројатно настанати со понирање на водата долж пукнатините. Но, постанокот на пештерите подетално ќе биде елабориран во посебно поглавје. Денес пештерите најмногу се користат за чување т.е. засолнување на добитокот и сточарите од временски непогоди, па затоа често при влезот има ограда од нафрлани камени блокови.

 

Една помала пештера во кањонскиот дел на Бислимска Клисура, долга 12 метри Шема на Бислимската клисура со позначајните пештери во неа. Во близина на пештерите се и некои пропасти.

 

 

 

ПРОПАСТИ (ЈАМИ)

 

Во карсната оаза Бислимска Клисура, констатирани се и неколку пропасти. Меѓутоа поради недоволната техничка опременост, подетално (директно) се испитани само 2 типични пропасти: Малата и Големата Градишка пропаст. Првата е длабока 22 метри и припаѓа на типот ѕвекари, а втората е сложена пропаст со два скоро вертикални канали кои на дното се прошируваат и соединуваат во мала сала на длабочина од 12 метри. Постојат и два специфични спелеолошки објекта кои може да се сметаат како пештери и како пропасти, бидејќи освен доминантните вертикални или скоро вертикални канали, присутни се и подолги хоризонтални компоненти. Тоа се Маркова Куќа, чија вкупна досега истражена должина е 98 метри, а длабочина околу 31 метри и објектот Орловачка пропаст, со должина од 30 метри и длабочина од 23 метри. Двата објекта имаат влезен дел кој ги има сите карактеристики на пропаст, а дното е поврзано со хоризонтален канал-пештера, со сопствен влез, Таквата нивна морфологија е резултат на специфичниот постанок, така што првин настанале пештерските делови, кои се и постари, а потоа со корозивното дејство на атмосферската вода долж погодни пукнатини, се изградени апсорпциони пропасти кои се помлади. Забележани се неколку пропасти кои се јавуваат во поголемите пештери, како нивни вертикални компоненти, како врска со некое пониско ниво или во вид на вигледи, но поради недостаток на соодветна опрема, најголем дел од нив не се испитани. Влезовите од пропастите мошне тешко се наоѓаат бидејки имаат мали димензии и најчесто се задскриени од варовничките блокови. Скоро по правило отворите (влезовите) на поголемите пропасти е на поголема релативна висина над речното корито, а најчесто меѓу 60 и 160 m. Обично тие се хоризонтални, кружни и тесни (со широчина до 1 m). Со исклучок на Маркова Куќа, пропастите во најголем дел се состојат од еден канал кој постепено, кон дното се проширува. Досега испитаните пропасти се сиромашни со акомулативни форми, што говори за нивната мала старост. Инаку според постанокот, најголем дел од пропастите, се апсорпциони т.е. настанале со понирање на помало количество атмосферска вода долж погодни пукнатини во варовникот. Тоа проширување на пукнатините со корозија и оформување на каналите се одвивало речиси монофазно. Се воочува дека најголемите пропасти се предиспонирани со помали локални раседи.

 

Табела 1: Преглед на подземните карстни форми во карстната оаза Бислимска Клисура (подолги од 10 м).

 

Ред.     бр.

И  М  Е

а.н.в., должина, длабочина /во м.

П Е Ш Т Е Р И
  1.  

Студен пештер

280

72

+11

  1.  

Лишков пештер

286

56

-1/+8

  1.  

Дуенички пештер

333

28

+6

  1.  

Орловачки пештер

320

18

+4

  1.  

Орловац

330

17

-

  1.  

Д 2

295

17

+4

  1.  

Градишачки пештер

338

12

+1

  1.  

Нагорички пештер

345

11

+0,5

В к у п н о:

231

П Р О П А С Т И
  1.  

Маркова Куќа

дно 288 м

98 +?

-31+?

  1.  

Орловачка пропаст

351

30

-23

  1.  

Гол.Градишка пропаст

340

31

-22

  1.  

МалаГрадишка пропаст

330

2 х 12

-12

В к у п н о:

183+?

               

 

 

Сл. 1: Правецот на раседните линии и положбата на спелеолошките објекти во Бислимска клисура

 

Сл. 2: Тродимензионален блок-дијаграм на Бислимска клисура со положбата на спелеолошките објекти: 1. пештера Д2; 2. Дуенички Пештер; 3. Лишков Пештер;  4. Голема и Мала Градишка пропаст; 5. Градишачки Пештер;  6. Студен Пештер;  Нагорички Пештер; 8. Орловачки Пештер и Орловац;  9. Маркова Куќа

 

 

 

ПОСТАНОК И ЕВОЛУЦИЈА НА ПОДЗЕМНИТЕ КАРСТНИ ФОРМИ

 

Постанокот на подземните карстни форми во карстната оаза Бислимска клисура, е во тесна врска со еволуцијата на самата клисура. Проучуваниот простор, како дел од Кумановска котлина, во неоген бил плавен со водите на Средно-вардарско езеро. По таложењето на езерските седименти преку варовничката маса, кон крајот на плиоцен, следува фаза на постепено отекнување на езерото и формирање на речната мрежа на Пчиња. Реката во овој дел првин се всекува во езерските седименти, а потоа пробивајќи ги истите, продолжува да се всекува речиси вертикално во варовничките блокови кои тектонски се издигаат. При тоа се формира карактеристична домна епигенија со височина од 500-540 метри. Со спирање на миоцените и плиоцените седименти, варовниците се откриваат на површината, по што започнува слаб површински карстен процес, кој се интензивира како се зголемува површината на ,,ексхумираните,, варовнички маси, односно со спуштање на загатот по рамката. По­големата површина на варовникот претставува поголема ,,колекторска,, површина за атмосферските врнежи, а со тоа се интензивира и циркулацијата на водата долж подземните пукнатини. Така, највисоките пештерски канали се среќаваат веќе на 110 метри над речното корито (тоа е и највисоката речна тераса), но тие се доста кратки. Нормално, поголемите пештери се форми­раат на помала релативна височина, во фазите на стабилна долна ерозивна база (реката Пчиња) и периоди со поголемо количество на врнежи. Најдолгите пештерски канали, се на височина од 6-12 метри над речното корито. Според положбата на пештерите, нивната морфологија и морфолошките карактеристики на пошироката околина, може да се заклучи дека пештерите чии влезови се на височина на горните речни тераси (над терасата од 60-70 m), настанале во средината на плеистоцен, а пониските (5-15 m) кон неговиот крај и во почеток на холоцен. Нормално дека процесот на подземна карстна ерозија се одвива и денес, но засега не е забележан ни еден пого­лем објект кој активно се формира, т.е. во кој постои подземен тек, освен неколкуте полупештери во висина на речното корито. Натамошната еволуција на подземниот карстен процес пред се е одредена од моќноста на варовниците и режимот на врнежи во иднина. Но, варовнчката маса на одредени делови долж клису­рата, со вертикалната ерозија на реката Пчиња, речиси е проби­ена, па речното корито започнува да се всекува во подината од палеозојски шкрилци. Поради тоа, интензитетот на подземната карстна ерозија која тежнее да се усогласи со нормалната-флувијална, ќе зависи главно од режимот на врнежи. Само при многу поповолен режим би можело да се очекува формирање на поголеми подземни форми. Според тоа, во подалечната еволуција, ќе превладее слаба карстна акумулација, а понатаму и сурнување на делови од каналите, па и потполно уништување на цели спелеолошки објекти. За таквиот тек на еволуцијата, потврда се различните фази во кои се наоѓаат спелеолошките објекти денес. Додека одредени помали канали на висина од речното корито допрва се изградуваат, кај други (Лишков Пештер) доминира акумулацијата, кај трети се јавува сурнување на блокови од таваницата, а кај повисоките канали делумно уништување (Орловац), па и фаза кога од некогашната пештера заостанал само краток таваничен дел- прозорец. Поради малата старост, малата моќност на варовничкиот надслој и интензивно сурнување на карпести блокови од таваницата, спелеолошките објекти се сиромашни со накит, односно тој е во почетната фаза од создавање.

 

Сл. Внатрешен дел на Орловачки Пештер

Сл. 3:  Пештерски накит во Лишков пештер

 

 

ЗАКЛУЧОК

 

Иако мала по површина (25 km2), во карстната оаза Бислимска Клисура се среќаваат повеќе интересни подземни карстни форми. Од нив покарактеристични се 8 пештери и 3 пропасти. Пештерите се суви, мали по големина, со кратки и тесни канали, сиромашни со акумулативни форми кои делумно се и оштетени од ретките несовесни посетители. Пропастите се со мала длабочина и имаат стрмни и тесни канали. Најспецифичен и најголем објект е Маркова Куќа кој има карактеристики и на пропаст и на пештера. Анализата на подземните карстни објекти дава одредени сознанија за локалните специфичности на флувио-карстниот процес, а во одредена мерка и за влијанието на неотектонските движења врз неговата генеза и еволуција. Инаку самиот предел со својата севкупна природа е мошне атрактивен. Не само што има интересна релјефна физиономија (изглед на мала кањонска долина), туку се карактеризира и со богатство на растителен и животински свет. Поради релативната непристапност, сеуште се одржуваат некои ретки, пред се, животински видови. Но со претворањето на реката Пчиња во колектор на отпадни води од градот Куманово и оваа природна оаза е изложена на интензивна деградација.

 

 

ЛИТЕРАТУРА:

 

Андоновски Т., Милевски И. (1999): Подземни карстни форми во Бислимска Клисура. Географски разгледи кн. 34, Скопје,

Gavrilovi} D. (1984): Eksperimentalna istra`ivanja intenziteta povr{inske korozije u krasu Srbije, IX Jugoslovenski speleolo{ki Kongres, Karlovac

Гашевски М. (1979): Основни хидрографски особености на главните притоки на реката Вардар во С.Р.М. Географски разгледи кн.17 Скопје

Лазаревски А. (1993): Клима на Македонија, Скопје

Манаковиќ Д. (1968): Средновардарско Езеро, Зборник на VIII конгрес на географите од СФРЈ, Скопје

Манаковиќ Д. (1976): Оазни тип карстне хидрографије Македоније, реферат од седми Југословенски спелеолошки конгрес одржан во Херцег-Нови

Petrovi} D. (1977): Geomorfologija, Beograd

Хаџи-Митрова С (1958): Фауна из горњејурских кречњака у околини Куманова. Трудови на Геолошкиот завод на НР Македонија, свеска 6, Скопје

Хаџи-Митрова С (1971) прилог за распространетоста на горна јура во пошироката околина на Куманово-трудови на геолошкиот завод на С.Р.М.  кн.15, Скопје

Главен рударски проект за експлоатација на варовник на локалноста ,,Краста,,- Куманово (1979), Рудопроект, Скопје

Група автори (1976): ОГК - 1:100 000, Толкувач за лист Куманово К34-68

Извештај од геомеханички испитувања на дробениот камен од каменоломот ,,Краста,, -Куманово за изработка на тампонски слој, ГП Маврово, ЕЕ Гео-Маврово -Скопје, април 1994