ГЛАВНА СТРАНА                 Куклица - Пирамиди кај Тработивиште - Пирамиди кај Луковица - Конопиште - Мелови кај Црник               

 

д-р Ивица Милевски, Институт за географија, ПМФ, Скопје


НОВИ ИСТРАЖУВАЊА НА ЗЕМЈЕНИТЕ ПИРАМИДИ ВО КУКЛИЦА-КРАТОВСКО


    Првичните геоморфолошки истражувања, презентирани во трудот „Земјени пирамиди во Куклица-Кратовско“ се изведени во периодот 1995-1999 година. Со нив се извршени основните морфолошки и морфометриски мерења во областа и на самите форми, проверен е литолошкиот состав на карпите во областа за да се одреди можната генеза (настанување) на формите, анализирани се климатските, хидрографските, вегетациските услови и можното влијание на човекот. Со посебни постапки, добиени се сознанија за современата брзина на ерозија на материјалот од формите и околу нив и натрупувањето (акумулацијата) на тој материјал во подножјето. Утврдено е дека денес, поради засилената ерозија, особено за време на поројни врнежи, забрзано се уништуваат земјените пирамиди. Ова треба да се има во предвид при проекција на можната туристичка посета на локалитетот и одредени активности кои би се изведувале во близината на формите. Имено, појавата е многу „осетлива“ па мало нарушување на сегашниот природен сооднос може да предизвика уште побрзо уништување (ерозија и засипување) на пирамидите.

За подобро да се согледаат овие процеси, во текот на 2008 година, извршена е евиденција и геокодирање на пирамидите со помош на ГПС уред. Исто така, картирани се сите активности во рамките на локалитетот, особено изградбата на бетонски патеки и скали. Патеките и скалите се изведени без стручна консултација и надзор, така што го пореметуваат природното површинско истекување на атмосферските води и водат до линиска-длабинска водна ерозија со постепен развој на бразди и долчиња. Нашите пресметки укажуваат на точно одреден капацитет на локалитетот, кој не смее да се надминува. Исто така, до вододелницата на ридот Дубица (над Куклица) не би смеело да се превземаат активности кои ќе го нарушат природниот пат на водата до коритото на Крива Река.

Мерењата и емпириски пресметки покажуваат дека современите форми како такви, веројатно ќе егзистираат уште неколку векови (500-700 години). Секое преземање на несоодветни активности, овој период ќе го скрати двојно или тројно. Затоа во иднина не смеат да се изведуваат активности без стручна консултација и без соодветни подготовки. Воедно, мора да се води контрола за движењето на луѓето по локалитетот, затоа што поминување на повеќе од стотина посетители по наклонет терен составен од туф, го интензивира распаѓањето на површинскиот слој на карпи, го намалува впивањето на врнежите, а се засилува ерозијата и натрупувањето на еродираниот материјал.

Со новите анализи е потврдена претходно констатираната старост на формите, која не е поголема од 10.000-20.000 години. Според тоа, погрешни и произволни се информациите дека тие се стари 10 милиони години. Пред 10 милиони години, на овој простор згаснувале последните вулкански ерупции, односно завршувал вулканскиот период. Пред околу 1-5 милиони години, во близина егзистирале Славишко и Кумановско (Средно-Вардарско) Езеро, а токму кај Куклица (но 200 метри повисоко од денес) била врската помеѓу нив. Пред околу милион години, езерата постепено истекле, а по дното на исушените басени започнала да се се всекува Крива Река. Пред 20.000-30.000 години, всекувањето се спуштило до висината на пирамидите (на околу 420 м), а пред 10.000 години (по плеистоценото заладување), речното корито било само 5-10 м повисоко од денешното ниво. Тогаш се создале поголеми наклони, се сменила вегетацијата и се зголемила ерозивноста, што условило постепено оголување на теренот и појавување на првите форми.