ГЛАВНА СТРАНА                 Куклица - Пирамиди кај Тработивиште - Пирамиди кај Луковица - Конопиште - Мелови кај Црник   


доц. д-р Ивица Милевски, Институт за географија, ПМФ-Скопје

ЗЕМЈАНИ ПИРАМИДИ КАЈ ТРАБОТИВИШТЕ-ДЕЛЧЕВСКО


Kарактеристични и интересни земјани пирамиди се забележани јужно од селото Тработивиште, поточно кај селото Нов Истевник (Балабанска Маала), во североисточното подножје на малата планина Бејаз Тепе (1326 m). Земјаните пирамиди се наоѓаат на левата долинска страна на една кратка повремена притока на Желевица, на надморска височина од 860 m. Овде, на должина од околу 200 m (во правец сси-јјз) и широчина од 30-50 m, во подножје на поголем природен мел, се изградени повеќе земјани пирамиди со височина до 15 m. Најистурените и најстари пирамиди, што се наоѓаат поблиску до долинското дно, веќе се сосема морфолошки диференцирани. Над нив се помлади пирамиди, сеуште поврзани со седиментни гребени и градат сложени форми што наликуваат на замоци и куполи. Уште повисоко, долинската страна е испресечена со повеќе паралелни, длабоки ерозивни долчиња, раздвоени со гребени од неогени песоци и глини. Овие гребени со плувијалната ерозија и страничното смивање што се врши за време на атмосферски врнежи, постепено се истенчуваат, прекинуваат и добиваат изглед на земјани пирамиди. Така, процесот се поместува регресивно, што значи создавањето на пирамидите е активно и денес. Поради специфичните форми на веќе издвоените земјани пирамиди, кои потсетуваат на скаменети човечки силуети-кукли, целата појава локалното население ја нарекло Кукуље. Создавањето на земјаните пирамиди е тесно поврзано со генезата на ерозивниот мел, во чие подножје се формираат. Сето тоа е иницирано со длабоко всекување на кратката лева притока на Желевица (поради спуштање на долната ерозивна база) во моќните седиментни слоеви, при што се активирала и силна денудација по долинските страни. При создавање на земјаните пирамиди, улогата на заштитна капа, ја има поцврстиот тенок глинест слој и жбунестите или дрвенести растенија со својот коренов систем.

 

Изглед на земјаните пирамиди кај Нов истевник Положба на земјаните пирамиди кај с. Тработивиште т.е. кај с. Нов Истевник