ГЛАВНА СТРАНА                 Куклица - Пирамиди кај Тработивиште - Пирамиди кај Луковица - Конопиште - Мелови кај Црник                         


ЃАВОЛСКИ ЅИД

д-р Ивица Милевски, ПМФ-Скопје

целиот труд е објавен во списанието Географски разгледи кн. 43, Скопје, 2000


Ѓаволски Ѕид е интересна природна геоморфолошка појава на јужните падини на ниската планина (ридот) Богословец (Св. Јовански Рид, 755 m). Се наоѓа на 2 km југоисточно од врвот на Богословец и околу 250 m северно од реката Брегалница, односно на нејзината десна долинска страна, на надморска височина од околу 250 m. Географски координати на локалноста се (WGS84): 41°45`02"N и 22°01`23"Е.

Комуникациска поврзаност

Месноста каде се наоѓа појавата Ѓаволски Ѕид е релативно слабо пристапна. Со теренско возило подобра пристапност е можна од два правци. Едниот е преку макадамскиот пат што води од железничка станица Овче Поле до с. Богословец, во должина од 5.5 km. Потоа по патека пеш се оди помеѓу Св. Јовански Рид (775 m) од десната (северна) и Тиски Врв (747 m) од левата (јужна) страна, во југозападен правец во должина од 5 km. Овој пат е потежок за поминување, особено последните неколку стотици метри.

Втор начин како да се стигне до месноста е преку макадамскиот пат кој тргнува близу железничката станица Овче Поле, поминува покрај с. Делисинци и раселеното село Аџибегово и води покрај Светиниколска Река. По должина т.е. поминат пат од 7 km и околу 1 km пред вливот во Брегалница, се тргнува кон исток по слабо проодна патека и по околу 2.5 km  се стигнува до Ѓаволски Ѕид.

Геотектонски карактеристики на месноста

Месноста Ѓаволски Ѕид се одликува со интересна геолошка градба и тектоника. Всушност целата ниска планина Богословец во тој аспект е многу интересна. Овој простор, тектонски припаѓа на Вардарската Зона (на граница помеѓу Централната и Источната субзона), која во тектонски поглед е доста лабилна. Богословец, геотектонски претставува мал хорст во јужниот маргинален дел на Овчеполската депресија, изграден главно од старо-палеозојски карпи (метаморфозирани кварц-порфири, кварц-порфирски туфови, лискунски шкрилци), младо-палеозојски карпи (серпентини) и мезозојски габрови (Ракиќевиќ et al., 1969). Хорстот и наведените карпести маси се во тектонски однос со околните горноеоцени седименти и со плиоцените седименти на североисточната страна. Тоа значи дека палеозојскиот комплекс, со раседи (главно во правец СЗ-ЈИ) е ограничен од горно-еоцените седименти, што е особено јасно воочливо на југозападната страна на Богословец, т.е. кај појавата Ѓаволски Ѕид. Во близина на појавата дури има и навлекување преку помладите карпи. Долж раседите, кои на места имаат доста променлив правец, се јавува комплекс на карпи со различна отпорност. Тоа е всушност и главната причина за создавањето на Ѓаволски Ѕид. 

Морфолошки карактеристики

Ѓаволски Ѕид всушност е појавата на карпести изданоци т.е. карпести ленти кои се јасно забележливи во релјефот, а се протегаат фрагментарно во правец исток-запад-северозапад, во должина од неколку стотици метри. Појавата започнува од југозападното подножје на Тиски Врв (747 м), кај месноста Грлиште, потоа продолжува околу 260 м кон запад до месноста Плавиште и свртува кон северозапад, т.е. го следи западното подножје на Богословец. Сепак, карпестите формации најдобро се изразени од двете страни на долот (Грлишки дол) кој завршува во Брегалница. На источната страна од долот, „ѕидот“ е долг околу 100 m, при што на средината речиси целосно е еродиран до подлогата. Височината доста му варира во зависност од сочуваноста или еродираноста и во просек изнесува околу 2-5 метри,а максимално до 10 м. Широчината е доста воедначена, со тоа што сепак поради селективната ерозија варира од 1.5 м до помалку од 1 м. На места каде се јавуваат поцврсти карпи, од „ѕидот“ штрчат остенци или `ртови со интересна форма исто така резултат на различниот ефект на ерозија врз карпи со нееднаква отпорност. Слични морфолошки обележја има делот од формацијата на западната (десната) страна од Грлишки Дол, со тоа што должината овде е нешто поголема, но височината е помала. Како што е веќе напомнато, карпестите ленти може да се следат и понатаму кон северозапад, но најчесто се значително или целосно еродирани, па се забележуваат само на одредени профили.

 

Делот од Ѓаволски Ѕид на источната (левата) страна на Грлишки Дол

Делот од Ѓаволски Ѕид на западната (десна) страна на Грлишки Дол

Настанување на појавата Ѓаволски Ѕид

Карпестите ленти, изданоци и формации кои се наречени Ѓаволски Ѕид имаат типично природно потекло. Поради раседната тектоника и регресивното навлекување на карпестите маси од палеозојскиот комплекс на Богословец, дошло до пореметување на еоцените седиментни слоеви во близина на раседните линии. Нивната претходно хоризонтална положба, поради притисоците постепено станува вертикална, што може јасно да се забележи на повеќе места и профили во овој простор. Еоцената седиментна серија се состои од мошне еродибилни песоци, но и од значително поотпорни песочници и сл. Ѓаволски Ѕид се состои токму од поотпорни песочници кои штрчат во околниот релјеф, бидејќи меките карпести маси побрзо се еродирани и однесени. Секако и овие поцврсти карпи се подложни на ерозија и тоа како механичка (термичко распаѓање, хемиско распаѓање и во помала мерка биогено разорување), така и водна ерозија (плакнење, плувијална ерозија), па во помала мерка дури и на ерозија од ветер. Заради структурата на карпите и сите овие влијанија, постепено се создаваат браздички, пукнатини, мали процепи и други микро форми, кои навистина на појавата и даваат изглед на ѕид изграден од камени блокови.

Сателитска снимка-шема на локалитетот Ѓаволски Ѕид. Јасно се воочливи тектонски деформираните слоеви на еоценски седименти, кои се протегаат во правец југоисток-северозапад, во должина од околу 1500 м. Поради големите притисоци од северната страна, т.е. од хорстот (ридот) Богословец, вертикално деформираните (исправени) слоеви се јавуваат лентесто, во појас широк околу 300-400 м. Јужниот дел на тие слоеви - точно каде што е Ѓаволски Ѕид е послабо еродирана, па затоа тука и појавата е најизразена, во однос на западната т.е. северната страна. Меандерот што го формирала реката Брегалница, постепено се поместува кон север и бавно го „поткопува“ локалитетот, а за подолг период од неколку илјади години може и целосно да го еродира (претходно механичката и хемиската ерозија веќе ќе ја уништат појавата и тоа многу побрзо).
Тродимензионална сателитска снимка и релјефен модел на Ѓаволски Ѕид. Овде уште појасно се гледа природното потекло на појавата, преку долгите карпести ленти во правец југоисток-северозапад, кои се под удар на ерозивното дејство на водата, инсолацијата, температурните промени и ветерот.
Вертикално-исправени (набрани) еоцени седименти со различна отпорност. Најотпорни (со најголемо учество на кварц) е лентата на десната страна, од која всушност заостанал најголем дел кој го добил името Ѓаволски Ѕид. Тој е и во директен „судир“ со блокот на Богословец. 
Најизразениот и највисок дел од Ѓаволски Ѕид. Јасно се гледа ефектот на водно-механичка ерозија и распаѓање на карпите. Покрај водата која се слева по карпите и врши механичка и хемиска ерозија, значајно влијание имаат и температурните промени, бидејќи станува збор за присојна страна со силно дневно загревање и ладење преку ноќ. На крај, и вегетацијата врши напукнување и разорување на блоковите, затоа не е воопшто чудно што се раскршуваат во вид на правилни парчиња.

За подетални информации види:

Милевски И. (2009): Геоморфологија на Богословец и локалитетот Ѓаволски Ѕид, Географски Разгледи кн. 43, Скопје стр. 27-39

Д-р Ивица Милевски е доцент на Природно-математичкиот факултет-Институт за географија. Научна област на работа е геоморфологија и ерозија на земјиштето. Магистрирал на тема Рецентна ерозија на Кумановската Котлина (ПМФ, Скопје, 2001), а докторирал на тема Геоморфологија на Осоговскиот Масив (ПМФ, Скопје, 2006). Има објавено околу 60 научни и стручни трудови во Македонија и во странство, од кои позначајни се оние за: Подземни карстни форми во Бислимска Клисура (1999); Земјените пирамиди во Куклица (2000); Ерозивни појави во сливот на Желевица (2004); Палеовулкански релјеф во западниот дел на Осогово (2006); Плавини во сливот на Радањска Река (2008); Глацијален и периглацијален релјеф на Осогово (2008) и др.

НАПОМЕНА:

Изнесените податоци се резултат на истражувањата на авторот и претставуваат негово авторско право. Затоа при изнесување на податоците презентирани на страницата, треба да се назначи и нивниот извор т.е. да се цитира како:

Милевски И. (2009): Геоморфологија на Богословец и локалитетот Ѓаволски Ѕид, Географски Разгледи кн. 43, Скопје стр. 27-39